Грција и Кина потпишаа 16 договори за соработка во различни области во рамки на разговорите за проширување и продлабочувањето на билатералните односи што во Атина ги имаа грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис и претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг.
Мицотакис на почетокот на средбата на грчката и кинеската делегација изјави дека неговата посета на Шангај и посетата на Џинпинг во Атина, означуваат нова ера во односите меѓу Грција и Кина. Кинескиот претседател, пак, се осврна и на за два и пол пати зголемениот обем на размена меѓу двете земји и истакна дека 16 билатерални договори ќе ја зајакнат соработката и ќе дадат дополнителен импулс во економските односи.
На прес конференцијата по средбата, Мицотакис изјави дека сега, кога Грција одново презема главна улога, не само во регионот, туку и во Европа, ќе ги прошират заедничките цели со Кина.
Во Атина се потврдува она што беше констатирано пред неколку дена во Шангај, дека односите меѓу нашите две земји се потопли од било кога до сега. Нашата доверба е факт, а нашата соработка е отворена за многу нови, продуктивни хоризонти – изјави Мицотакис и додаде дека повторно ќе ја посети Кина во април следната година за да учествува на иницијативата „17+1“.
Си Џинпинг истакна дека и двете страни сметаат дека Кина и Грција се природни партнери за формирање „еден појас, еден пат“, а паралелно изрази убеденост дека Кина и Грција ќе продолжат со меѓусебното разбирање и соработка за националниот и инвестицискиот интерес на двете земји.
И Кина и Грција се наоѓаат во важна фаза на реформи и развој. Двете земји посакуваат да се изградат во просперитетни и силни земји, а нашите народи бараат потесна и пријателска соработка што ќе биде ефективна, но исто така и со заемна корист – изјави кинескиот претседател и додаде дека во изминатите години Грците покажале голема издржливост и напорно работеле за да ја вратат нивната самодобверба и економскиот развој.
На крајот од средбата во премиерска палата, во присуство на Кирјакос Мицотакис и Си Џинпинг, надлежните министри и функционери ги разменија потпишаните договори и меморандуми за соработка и разбирање.
Поконкретно, Грција и Кина потпишаа договор за екстрадиција на лица по кои е потпишана потерница; Меморандум за разбирање за промоција на инвестициската соработка; листа на основни проекти во рамките на соработката 2020, односно нови инвестициски планови; Протоколи за извоз на шафран и актинидии од Грција во Кина; Меморандум за соработка во областа на радијата, телевизиите и аудио визуелните услуги; Меморандум за разбирање за соработка во спортот, поконкретно за лицата со инвадилитет; Меморандум за соработка меѓу воздухопловните власти; Договор за основање Центар за кинески студии во Грција; Меморандум за разбирање за успешна имплементација на мстер планот на „COSCO“ на атинското пристаниште Пиреас, а исто така беше соопштено и основање филијали во Грција на две кинески бакнки, на „Bank of China“ и на „Industrial and Commercial Bank of China“.
Во попладневните часови, Мицотакис и Си ќе ги посетат централните канцеларии на „COSCO“ на атинското пристаниште.
Си Џинпинг положи и цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, а пречек му приредија и негови сограѓани кои со кинески знаменца се собраа во центарот на Атина.
Кинескиот претседтаел претходно беше примен и од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, на која присуствуваа и делегациите од двете земји.
Претседателот на Народна Република Кина, синоќа пристигна во Атина, а заминува утре откако претходно заедно со Павлопулос ќе го посетат музејот на Акропол.
Comments are closed for this post.