Во рамки на кампањата „Ден без мобилни телефони“ во Загреб е поставен нов тип на смеафор, што го насочува светлото кон пешачкиот премин под него со цел црвеното светло да го видат и оние пешаци и велосипедисти коишто приоѓаат кон крстосницата гледајќи во екраните од своите мобилни телефони.

Тоа ќе биде првпат да се постави ваков вид семафор во Хрватска, а целта на овој пилот-проект е да се предупредуваат пешаците и велосипедистите за опасноста на која се изложуваат, соопштија организаторите на кампањата. Како што пишува „Јутарњи лист“, последните истражувања покажале дека дури 50 отсто од пешаците и 33 отсто од велосипедистите ги употребуваат мобилните телефони додека преминуваат улица, а 20 отсто од нив воопшто не забележуваат дека се запалило црвено светло затоа што не погледнале кон семафорот и мислите им биле насочени кон екранот од телефонот.

Семафорот ќе има првенствено предупредувачка функција. Кога ќе се запали црвено светло, семафорот ќе го насочува светлото и кон пешачкиот премин што ќе предизвика црвеното да се рефлектира и на екраните од мобилните телефони во коишто гледаат пешаците, наместо да гледаат што се случува околу нив. Екраните на телефоните ќе се зацрвенат то треба да ги присили да ја подигнат главата и да застанат да причекаат зелено светло.

Благодарејќи на хоризонталната сигнализација којашто ќе ја фрла овој вид семафори, пешаците ќе може да го забележат и со периферен вид, без оглед на тоа што одат со спуштени глави и се преокупирани со содржините на нивните телефони.