Руската државна компанија за атомска енергија „Росатом“ објави тајни документи за шестмина германски научници, кои учествувале во подготовките за добивање атомско оружје во нацистичка Германија, а по војната заминале во СССР и учествувале во создавањето на првата советска атомска бомба, јавува epicenter.bg.

Архивските материјали се објавени во специјална рубрика на порталот за историја на „Росатом“, а меѓу нив има факсимили на архивски документи поврзани со развојот на атомската индустрија во СССР, како и „анкети за специјални намени“, што биле пополнети од водечките германски научници, кои дошле да работат во Советскиот сојуз.

Кон крајот на Втората светска војна Германија имала доволен потенцијал да создаде своја сопствена атомска бомба. Научните институти, ангажирани за работа околу атомскиот проблем, функционирале во големите германски градови. Тие активно спроведуваат експеримантални активности за атомски реактори, делењето на изотопите, проектирањето атомска бомба…

Во 1945 година, кога Црвената армија навлегува на германска територија, по наредба на советското раководство извршена е потрага по германските експерти, кои работеле на атомската бомба, а биле претресени и сите истражувачки центри. Кон крајот на војната некои од тие германски научници се наоѓаат на територијата окупирана од советската војска. Врз основа на анализа на состојбите околу активностите во Германија, советското раководство одлучило да ги повика тие германски експерти за учество во исполнувањето на атомскиот проект во СССР. Над 300 Германци, вклучувајќи ги и членовите на нивните семејства, доброволно заминале во Советскиот сојуз за да работат на атомски прашања.

Како што самите германски експерти потсетуваат, поканата на Советскиот сојуз, всушност, им помогнала да ја преживеат безработицата и гладот, што настапиле во поствоена Германија. Во СССР тие работеле и живееле во релативно удобни услови и сите добивале високи државни плати. По работата во СССР, во текот на 50-тите години тие се вратиле дома, во Источна или во Западна Германија.

„Росатом“ ги објави анкетните листови пополнети од шестмина германски научници, кои дошле во СССР – носителот на Нобеловата награда, Густав Херц, Николаус Рил, Манфред фон Ардене, Петер Тисен, Хајнц Позе и Роберт Депел. Во секој прашалник било неопходно да се одговори на речиси педесетина прашања, вклучувајќи ги и оние за учеството во разработувањето на научните проблеми, постигнатите резултати, како и за научните извештаи објавени во странство, добиените награди, членството во политичките партии, а се барале и детални информации за членовите на семејството.

Друга група германски научници на чело со прочуениот специјалист Вернер фон Браун заминува кај Американците, каде учествуваат во ракетната програма на САД за време на Студената војна.