Во северниот дел на Мексико, во градот Кулиакан, дојде до жестоки судири меѓу безбедносните сили и членовите на моќниот картел „Синалоа“, откако бил уапсен еден од лидерите на овој нарко картел Овидио Гузман Лопез, син на кралот на дрогата Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.

Тешко вооружените членови на картелот ги опколиле безбедносните сили и ги присилиле да го ослободат Гузман Лопез, кој во САД е обвинет за трговија со наркотици. Тој бил пронајден во текот на рутинска контрола во Кулиакан, пренесоа британските медиуми.

Министерот за внатрешни работи Алфонсо Дурази објасни дека патролата набрзо ја опколиле бројно поголема група вооружени лица од картелот и дека била донесена одлука силите за безбедност да се повлечат за да се заштитат нивните животи и да се избегне дополнително насилство.


Гузман Лопез е син на славниот Ел Чапо, кој е осуден на доживотна затворска казна и во САД на дополнителни 30 години затвор заради трговија со дрога и перење пари.