На вчерашната 156-та седница, Владата на Македонија го утврди текстот на Предлог – законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции чија цел е спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.
Предлог – законот, меѓу другото, предвидува одгледувањето на канабис за медицински цели да биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис донесено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, како и дека секоја измена во сопственичката структура треба да биде одобрена од страна на Владата.
Во текстот на предлогот за закон во оваа дејност се наведува дека компаниите кои ќе се стекнат со лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат средства во висина од 10% од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи согласно овој закон, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот на Македонија. За овие средства, како прилив во Буџетот на државата, Владата ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.
Comments are closed for this post.