Политичките партии од Косово во првите три дена од кампањата за парламентарните избори, која започна на 25 овој месец, на изборни активности потрошиле вкупно еден милион и 64 илјади евра.
Ова го објави НВО „Демократија на дело“ која ја следи кампањата за парламентарните избори што ќе се одржат на 6 октомври.
Од невладината наведуваат дека нивните 72-ца набљудувачи проследиле 217 активности на политичките субјекти, од кои најголемиот дел биле јавни собири каде вкупно учествувале околу 78.500 лица.
Во текот на активностите на политичките субјекти, според извештаите, користени се разни средства (бини, озвучување, храна, пијалоци, осветлување и ласери, столици, пиротехнички средства, штандови…), промотивни материјали, уметнички перформанси и превозни средства. Трендот на собири продолжи во текот на трите дена од кампањата, како метода која партиите ја одбрале за да ги проследат своите пораки до што поголема публика. Покрај тоа, имаше и други форми на водење кампања, како што се посетите од врата на врата (во 11 случаи), средби со целни групи (во 13 случаи), како и поставување штандови на јавни простори (во 8 случаи), објави ДнВ.
Најмногу активности имала Демократската партија на Косово (ПДК), вкупно 70, додека втори и трети се досега опозициските Движење за Самоопределување (ВВ) со 35 и Демократскиот сојуз на Косово со 33 изборни активности. Следат коалицијата Алијанса за иднината на Косово (ААК) – Социјалдемократска партија (ПДК) со 25 активности, Српската Листа (СЛ) со 20.
ДнВ забележала присуство на деца на партиските собири, што е забрането со закон и се смета за злоупотреба на децата. Набљудувачите на невладината евидентирале 730 деца на 56 изборни активности, а во 13 случаи доведувањето деца било организирано.
Во текот на кампањата е забележано користење јазик кој поттикнува омраза (во 11 случаи) и навредлив говор насочен против политичките конкуренти. Освен тоа, набљудувачите на ДнВ регистрирале користење јавни ресурси за партиски цели, односно во 20 случаи се користени 50 службени возила, додека во 40 случаи забележано е учество на цивилни службеници.
Во анализата на ДнВ се наведува и дека се забележува намалено учество на жените во активностите на политичките субјекти.
Првиот ден од кампањата учеството на жените беше околу 25 проценти, вториот ден е регистрирано опаѓање на околу 20 отсто, додека во третиот ден 21процент. Во трите дена од кампањата околу 22 илјади жени беа учеснички во активностите на политичките субјекти во целата земја, објави ДнВ.
Comments are closed for this post.