Угледниот Вашингтон пост на своите страници издвои една за него интересна, а за нас веројатно, многу поучна информација – што се случува со пушењето на јавни места во Грција?

Весникот пишува дека „и покрај речиси целосната забрана на пушењето на јавни места, Грците продолжуваат да пушат секаде“.

Во поголемиот натпис, Вашингтон пост наведува дека владата на премиерот Киријакос Мицотакис е решена целосно да го спроведе законот против пушењето „овој пат вистински“. Јасно е дека новинарот истакнува оти и претходно имало закони, но никој не се секирал премногу поради тоа, па забележано е како владини претставници го кршат законот, а некои дури пушеле и за време на прес-конференција.

Поранешниот министер за здравство Полакис си пушеше на прес-конференција

Според Светската здравствена организација, Грција е рангирана на врвот на земјите според бројот на пушачи – 37 проценти на лицата над 15 години се пушачи. Но предупредувачки е и тоа што земјата има највисок процент на пасивни пушачи, дури 78 во рестораните и кафетериите. Во поголемиот број членки на ЕУ тој процент изнесува под 10.