По предлог на скопското Јавно обвинителство, судија на претходна постапка на едно осомничено лице за убиството на Мартин Јанушев му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на негово пронаоѓање и лишување од слобода.
Од Основното јавно обвинителство Скопје во денешното соопштение велат дека е отворена истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело „убиство“ од Кривичниот законик.
Лицето е осомничено дека на 3 ноември 2017 година со умисла го лишил од живот сега починатиот Мартин Јанушев.
Имено, осомничениот, користејќи дозволено викенд отсуство, ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци, дошол пред зградата во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе проектили од огнено оружје кон жртвата, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал.
Кривичната пријава од МВР за ова лице е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје на 17.11.2017 година. По поднесената пријава, во текот на предистражната постапка, Обвинителството интезивно работеше на обезбедување материјални и вербални докази. Притоа, се испитани над 40 сведоци и обезбедени се голем број релевантни вештачења и анализи.
Со оглед на тоа што осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за распишување домашна и меѓународна потерница.
Comments are closed for this post.