Едно барање за добивање бугарско државјанство одново ја доведе Државната агенција за Бугарите во странство во центарот на вниманието на тамошната јавноста. Но, ако тоа досега беше лесното „визирање“ на поднесоците, овојпат причината лежи во одбивањето. Притоа, свесно или несвесно, се открива целата шема за добивање на бугарското државјанство, а делумно и дел директните учесници во неа.
Минатата година, под притисок на европските институции, официјалните власти направија проверка на работата на Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ) и притоа утврдија дека таа било легло на мито и корупција. Тогашниот нејзин претседател беше притворен, но најскандалозно беше тоа што за брзо добивање на мислењето на Агенцијата било зимано мито од 300 до 5.000 евра.
Бугарскиот портал Фактор.бг објавува текст од извесен адвокат Станислав Станев со наслов „Скандалозната ДАБЧ продолжува да се поигрува со бугарштината во Македонија“. Во него Станев, освен што фрла сомнеж дека е учесник во шемата, туку директно го споменува и Бугарскиот културен клуб во Скопје како главен протагонист во посредувањето.
На површина излегуваат и таканаречените документи, врз основа на кои се бара бугарското државјанство.
Имено, извесна Снежана Тефова, најверојатно по потекло од с.Рожден, Кавадаречко, преку Бугарскиот клуб во Скопје одлучила да побара бугарско државјанство. Од кои причини, тоа е нејзина лична работа. Но, Бугарскиот клуб како документи пред Агенцијата за да се утврди или потврди нејзиното бугарско потекло, користи посмртница на нејзиниот дедо Глигор Маџунков, кој бил роден на 05.04.1877 година, извод од родените на мајката Риса Стојчева, ќерка на Глигор, и извод од родените на Снежана.
И тоа што е најсимптоматично, две книги! Прво, „Македонија, Етнографија и статистика“ од 1900 година на Васил Канчов и “La Macédoine et sa Population Chrétienne” од 1905 година. Во нив, пак, како крунски доказ се наведува дека с.Рожден, Кавадаречко, да ти било бугарско село, во кое во 1905 година имало „640 бугари егзархисти и работело бугарско училиште“! Изгледа и тоа не се покажало доволно, па авторот наведува дека од Рожден имало дури четворица членови на Македонското ополчение!
Но, в.д претседателот на Агенцијата, Димитар Владимиров оценил дека сето тоа не е доволно за да се одговори позитивно на барањето на Тефова преку Бугарскиот културен клуб Скопје, што ја отвора дилемата дали пропаѓа евтината шема за добивање бугарско државјанство!?
Comments are closed for this post.