Околу 500 учесници се собраа во центарот на Белград каде се одржа уште една Парада на гордоста. Годинава се одржува под слоганот „Јас не се откажувам“, а прошетката започна во 17 часот.
Учесниците фрлаа светкави конфети во црвена боја во облик на срце, а учесниците беа поздравувани и фотографирани од случајните минувачи и околните кафулиња.
Освен граѓаните, на протестот присуствуваа и некои познати личности, а на прошетката се приклучи и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која пристигна на парадата со нејзината партнерка Милица Ѓуриќ.
Оттаму премиерката најави дека Белград ќе се кандидира за Европски прајд 2022 година.
Додека поворката минуваше покрај Собранието на градот беше пречекана од група противници на Прајдот, кои држеа икони во рацете и пееја „Таму далеку“.
Полицијата го обезбедуваше овој дел од градот каде претходно денеска дојде до инцидент со група екстремисти кои се обидуваа да го прекинат Прајдот. Нешто после 16 часот дојде до судир на екстремистите и жандармеријата по што беа приведени пет лица.
Првата Парада на гордоста во Белград беше на 30 јуни 2001 година, но заврши неуспешно, а учесниците на тој прв Прајд беа брутално нападнати и претепани.
По долги години забрана за Парадата на гордоста, таа се одржа на 10 октомври 2010 година под силна заштита од полицијата, а во судирите со хулиганите повредени беа голем број полицајци, а причинета беше и огромна материјална штета во главниот град на Србија.
Првата Парада на гордоста без поголеми инциденти одржана е во 2014 година, како и секоја следна година.
Comments are closed for this post.