Љупчо Палевски вечера доцна поладнето е приведен од страна на српската полиција на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ и сега се наѓа во екстрадициски притвор. Тој бил притворен по потерница распишана од Република Хрватска.
Палевски патувал за Москва, каде требало да склучи бизнис зделка.
Адвокатот на Палевски, Васко Стојков, за Пресинг Тв вели дека притворањето е изненадување, зашто двајцата биле во Белград и на 9 септември, кога ништо не се случило, исто како што немало никакви знаци и вчера околу 14 часот, кога Палевски влегол во соседна Србија преку преминот Табановце.
Работиме на тоа Палевски да биде ослободен. Ангажиран е адвокат и во Хрватска, кој од хрватскиот суд ќе бара укинување на мерката за што ќе биде понуден двоен износ на наводниот долг, вели Стојков.
Според него, мерката за Палевски е побарана во 2015 година и зачудува фактот, што досега тој патувал низ Европа и никаде не се појавила, ниту пак реагирале други европски власти. А, хрватски суд ја побарал заради обезбедување на Палевски за присуство пред суд. Притоа, не се работи за утврдување вина или некаков долг, туку само присуство.
Палевски во Хрватска имал фирма за производство на котли на палети за големи корисници. Таа работела до 2012 година, а потерницата датира од 2015. Во меѓувреме, некој од купувачите на котел поднел тужба против фирмата и Палевски затоа што, наводно, котелот не ги задоволил неговите барања, а побараното обесштетување изнесувало 2.500 евра.
Адвокатот во Хрватска ќе понуди пред хрватскиот суд гаранција во двоен износ дека ќе се појави на рочиште за да се укине ваквата ригорозна мерка. Работата е во тоа што Палевски ниту знаел за постапката, ниту бил информиран за неа, ниту за бараната сума. Тој во Хрватска имал фирма, но немал живеалиште или престојувалиште. Покани за пред суд можеби пристигнувале, но Палевски за тоа не бил информиран, па тоа не е сторено ниту преку хрватската амбасада во Скопје. Очекуваме Палевски брзо да биде ослободен, вели Стојков.
Палевски политички беше против промената на името и својот политички ангажман го канализираше преку партијата Глас за Македонија, чиј претседател е проф. Солза Грчева.
Не сакаме да избрзуваме или да прејудицираме нешто, но индикативно е што сето ова се случува токму сега, зашто Палевски патувал низ Европа како бизнисмен. Според сознанијата што ги добивме, станува збор за мала сума на средства и за предмет за кој тој не бил информиран, Вели Грчева.
Comments are closed for this post.