Како до бебе без партнер? Ова прашање си го поставуваат многу девојки и жени, кои мајчинството не успеале да го реализираат во една класична семејна заедница, да го пронајдат животниот сопатник и да создадат семејство.
Иако, во Македонија веќе една деценија е дозволено законски оплодување со донатор на сперма, темата, најчесто, сѐ уште е табу и за неа не се говори доволно. А, цената за ваков вид услуги се движи од 500 до 1.500 евра. Но, колку жените кај нас ја користат оваа законска можност?
Донатори од Данска и Шпанија
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се врши оплодување со спрема на донатор и за таа цел потребна е нотарска изјава и психолошко советување. По добиената документација се поднесува барање до Државната комисија за биомедицинско потпомогнато оплодување во Министерството за здравство.
Целата постапка од моментот на доаѓање на барателот во нашата болница, добивање на потребната документација и набавка на биолошкиот материјал од банката за сперма трае од 2 недели до месец дена – вели доктор Слободан Лазаревски, шеф на центарот за ИВФ во „Аџибадем Систина“.
Тој информира дека во „Аџибадем Систина“ има интерес од жени кои сакаат да добијат дете без партнер со помош на асистирана репродукција.
Најчесто се жени од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, како и од западно европските земји, бидејќи кај нив законот за биомедицинско потпомогнато оплодување е поригорозен и забрането да се направи ин витро доколку немаат партнер – вели доктор Лазаревски.
Во Македонија, иако законски е предвидено, се уште нема банка за спрема. А Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го увезува биолошки материјал од реномирана банка за сперма од Данска.
Примероците од донаторите се високо квалитетни и испитани од инфекции и наследни болести. Пациентката има право да си одбере материјал според физички карактеристики. И се дава каталог од банката каде има фотографија од донаторот кога бил дете. Цената за оваа услуга е различна и зависи од физичките карактеристики на донаторот – вели доктор Лазаревски.
По барање на пациентот Бројот на немажени кои побарале вакво оплодување е симболичен
Во „Ремедика“, исто така, вршат оплодување со сперма на донатор или асистирана репродукција. Но, бројот на немажени кои побарале таква услуга е симболичен, велат оттаму.
Во Центарот за асистирана репродукција и Ин витро фертилизација при ПЗУ Ремедика од 2008 година се врши оплодување со донаторски материјал за немажени жени и двојки кои имаат медицинска индикација за истото (Азозооспермиа) или непостоење на сперматозоиди кај партнерот. За да може да се покрене постапка за вакво оплодување треба да се добие согласност од Комисијата за биомедицинско оплодување при Министерството за здравство која прави контрола и увид за тоа што се случува во Македонија со донираниот материјал. Се даваат изјави кои треба да се заверат на нотар, парот/девојката поминуваат на психолошко советување, а гинеколошкиот тим дава стручно мислење – велат од „Ремедика“.
Оттаму информираат дека соработуваат со две банки за донација, од Данска и од Шпанија. Донаторите се скенирани за најчестите инфективни заболувања (Хепатитис Б, Ц и СИДА), потоа сексуално преносливите болести и генетски заболувања (Цистична фиброза, б таласемии), нормалек кариотип 46 XY, крвна група и професија.
По барање на пациентот и соодветна доплата во банката заинтересираната двојка/жена може да добие поконкретно досие за донаторот. Инаку, заинтересираните доаѓаат кај нас со конкретни барања, односно со какви карактеристики би сакале да биде донаторот. Ние им ги даваме податоците од секој донатор со кој располагаме и потоа одлучуваат. А за двојките обично донаторот се избира според карактеристиките на мажот и крвната група на двајцата. Бројот на немажени кои побарале вакво оплодување е симболичен – информираат од оваа здравствена установа.
Фондот не ги покрива трошоците
Во „Ре-Медика“ засега не се пријавиле мажи од Македонија кои би сакале да го донираат својот генетски материјал.
Цената само за донираната сперма за еден обид е 40.000 денари. Со Фондот за здравство имаме соработка и при оправдани медицински индикации тој дава ваучер со кој се покриваат другите трошоци за ИВФ обидот, но не ја покриваат цената за донацијата. Пациентите приватно си ја плаќаат – велат од „Ре-Медика“.
Од Фондот за здравство појаснија дека тие ги покриваат трошоците само ако пациентката има медицински проблеми.
Во светот не постои држава која покрива трошоци ако некоја здрава жена одлучила да се оплоди со донатор на сперма. Ние покриваме трошоци на оние жени кои имаат медицински проблеми, а таквите се две до три годишно. Кај нас има шест приватни клиники каде што можат да се купи генетички материјал – велат од Фондот за здравство.
Оттаму информираат дека цената на таквиот материјал се движи од 500 до 1.500 евра.
Актуелниот Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) дава можност да ја користат оваа постапката и сите полнолетни и деловно способни жени кои не се во брак или не живеат во вонбрачна заедница, а имаат желба да станат мајки
Но, жените треба претходното да се имаат лекувано по другите методи, но тоа да било неуспешно. Законската регулатива исто така бара тие според возраста и општата здравствена состојба да се способни за родителска грижа.
Истовремено, предвидено е оплодувањето да се реализира само во здравствени установи кои имаат овластување од министерот за здравство за спроведување на ваква постапка. Дали БПО ќе биде на товар на пациентката или ќе биде одобрено од страна на комисиите во Фондот, зависи од исполнетоста на условите кои се законски пропишани.
Детето треба да расте во здрава емотивна средина
Оплодувањето со помош на донатор на генетички материјал, освен што овозможува на една немажена жена да го реализира својот сон да стане мајка, помага и во намалувањето на „белата чума“ која одамна ја зафати Македонија.
Според официјалните податоци на Заводот за статистика од 1995 година до 2012 година наталитетот во Македонија е намален за четирипати. Тоа значи дека природниот прираст (позитивната разлика помеѓу живородени и умрени во една календарска година) која во 1995 година бил 13.717 лица, пред две години бил само 3.434 лица.
Психолозите предупредуваат дека жената која се одлучила да роди со помош на донатор на сперма, треба да биде подготвена дека еден ден детето ќе праша за неговиот татко. Тоа е момент на кој жената треба да биде добро подготвена како ќе му објасни на детето кој му е татко. Несомнено е дека на едно дете му се потребни двајцата родители, но тоа не значи дека тоа ќе има поинаков развој доколку живее само со мајката. Ако детето расте во здрава емотивна средина каде што ќе може добро да се развива нема да има никаков проблем тоа што расте само со мајката, сметаа стручните лица.
Извор: МИА
Comments are closed for this post.