Најдобро е сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, кажа претседателот Пендаровски.
Ова пред само две недели, меѓу другото, го истакна претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање до јавноста во врска со случајот „Рекет“, изразувајќи тогаш лично разочарување од однесувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Објавувањето во јавноста, пак, на записникот од пријавувањето на случајот „Рекет“ во Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција покажа дека изненади многу актуелни политичари од власта. И наместо досега да ги послушале советите на претседателот Пендаровски, тие веднаш се заканија со тужби за новинарите и медиумите.
Ако се стави на страна името на премиерот Зоран Заев, кој изјави дека тој го пријавил случајот во Обвинителството, за што, пак, се уште нема објавено писмен записник, останува отворено прашањето зошто останатите министри не го послушале претседателот Пендаровски? Зошто во изминативе две недели не нашле време сами да дадат исказ во Обвинителството, иако сите имиња повеќе или помалку се споменуваа во јавноста? Нивните фејсбук статуси, како и да се свртат работите, сепак не можат да бидат оправдување, зашто тие немаат никаква тежина. Уште помалку можат да се поистоветат со официјален исказ во Обвинителството.
Тука може исклучок да е само министерот за надворешни работи Никола Димитров, чие име за прв пат се споменува во „Рекет“. Неговата реакција беше експресна, но по ФБ статусот на поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски дека Димитров знаел за целиот случај уште во првото тримесечје од годинава, оправдано се поставува прашањето зошто тој не е меѓу оние кои го пријавиле „Рекет“?
На страна личното мислење на споменатите во записникот политичари за претседателот Пендаровски, нивното не реагирање до сега покажува дека неговиот збор го сметаат за обична демагогија и оти им е многу полесно да удрат по новинарите и медиумите.
Comments are closed for this post.