Изјавата на премиерот Зоран Заев, кој најави дека ќе ме тужи мене и нашата редакција, не е ништо повеќе од паничен рефлекс во момент кога станува јасно дека она што го зборувал било невистина, вели за Пресинг Тв новинарот Александар Митовски.
Митовски е автор на текстот, што го објави сајтот Инфомакс, за содржината на исказот на бизнисменот Орце Камчев за случајот „Рекет“ пред обвинителката Вилам Рускоска.
Ниту јас, ниту редакцијата во ниту еден момент не тврдиме дека некој нешто направил. Напротив, како одговорен медиум го увидовме јавниот интерес и без никаква интервенција во она што го дознавме го обзнанивме на јавноста, вели Митовски.
Тој смета дека тоа треба да го направи секој одговорен граѓанин на оваа држава, дотолку повеќе секој новинар.
Што се однесува до реакцијата на Јавното обвинителство, Митовски вели дека потврдата на обвинителката Рускоска за веродостојноста на материјалот кажува повеќе од било чија реакција.
Соопштението на ОЈО, но и етикетирањето за мене и нашиот медиум ми личи повеќе на политичка порака, отколку на соопштение од правосуден орган. Според мене, се работи за класична закана и притисок врз медиумите и другите колеги новинари да не се осудуваат да објават информации, кои тие би ги имале поврзани со власта и аферата „Рекет“, нагласува тој.
Ваквиот тип на закани, од она што го знае до сега, додава Митовски, биле познати само во времето на едноумието и острите диктатури низ Источна Европа, Африка, Азија и Јужна Америка. Од тоа, според него, ништо добро нема да излезе, особено што не очекува одлука за старт на преговори со ЕУ каде слободата на медиумите е една од главните столбови за оценување на демократичноста на општеството.
На овој начин само се загрозува евентуалниот датум. Јас од мое лично име и од име на редакцијата ќе ги известам сите релевантни меѓународни фактори за притисоците, што ги врши власта врз нас, но и ќе им порачам на другите колеги да не се плашат од напливот на панични закани, а ако имаат повеќе информации да ги објават, вели Митовски.
Во некои медиуми се појавија информации дека во Обвинителството се вршат проверки како се случило да протече записникот во јавноста. Неофицијално се додава дека сајтот, што го објави текстот, ја имал само првата страница од документот, додека останатата содржина била прераскажана. Во врска со ова Митовски вели:
Првата страница е ставена како илустрација за веродостојноста на текстот.
Comments are closed for this post.