Јавното обвинителство денеска соопшти дека заради вмешаност во случајот „Рекет“ е побаран притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на денешната прес-конференција заедно со обвинителката Вилма Рускоска, која го води предметот „Рекет“ рече дека ЈО „утврди дека основите за сомневање се издигнаа на основано сомневање дека јавниот обвинител (К.Ј. н.з.) сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувања“ според член 353 став 3 од Законот за кривична постапка.
Јовевски рече дека јавниот обвинител донесе наредба под истрага да биде и Катица Јанева и е побарана мерка притвор.
Од ноември 2018 до април 2019 еден од осомничените преку претходни пријателски односи влијаел да се изврши службено дејствие кое не смеело да се случи, рече Јовески.
Образложувајќи ја побараната мерка, јавниот обвинител појасни дека Катица Јанева се стекнала со подарок во мебел од 298.000 денари за што интервенирала во ублажување на мерката притвор во мерка куќен притвор на бизнисменот Орце Камчев, првоосомничен во предметот „Империја“. Бараните 1,5 милиони евра, пак, од кои 500.000 евра на посредниците Боки 13 и Зоки Кичеец ги дала сопругата на Камчев, а останатиот еден милион самиот Камчев, ги земале они и со тие пари Јанева, всушност, немала ништо.
Јовески уверуваше дека јавноста треба да е убедена оти обвинителството посветено го испитува целиот случај „Рекет“ и оти никој нема да биде поштеден од распит или покренување постапка ако за тоа има докази.
Ова е исклучиво кривично-правен настан и не треба да се политизира, рече Јовески.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има сознанија дека во случајот е вмешан и обвинител од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција и каде се наоѓа синот на Јанева, обвинителката Рускоска изјави дека нема никакви докази за вмешаност на нејзин колега, а за синот рече дека не знае каде се наоѓа, зашто тој не е под истрага.
Во врска со информациите дека се вршат претреси кај политичари, Рускоска објасни дека нејзиното обвинителство нема издадена наредба за такво нешто. Доколку, пак, се спроведувало таква акција, тогаш наредба за тоа евентуално стигнало од некое друго обвинителство.
Околу предметите на СЈО, доколку Јанева заврши во притвор, Јовески нагласи дека Советот на јавни обвинители треба да го констатира тоа и веднаш да одреди друг од редовите на јавните обвинитли, кој ќе ја извршува функцијата.
Има законска основа за тоа, рече Јовески.
Во интерес на натамошниот тек на истрагата, пак, Јовески не можеше да каже каде завршиле парите, што ги земале Боки 13 и Кичеец, иако тоа прашање, како што рече, е „едно од централните прашања од почетокот на истрагата“ во случајот „Рекет“.
Јовески немаше конкретен одговор и на прашањето како ќе реагира Обвинителството ако се утврди дека постои судир на интереси кај дежурните истражни судии, кои треба да се изјаснат околу предлогот на Обвинителството. Зашто, судиите биле инволвирани во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“ во кои, во најмала рака, може да се јават во улога на сведоци.
Comments are closed for this post.