Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород во текот на ноќта, објавија руските медиуми.

Лавров изјави дека Украина ја нападнала државната резиденција со 91 беспилотно летало. Сите беспилотни летала биле уништени од руските системи за воздушна одбрана, додаде тој.

Лавров нагласи дека Русија ќе ја ревидира својата преговарачка позиција за да го земе предвид, како што изјави, „конечниот премин на режимот во Киев кон политика на државен тероризам“.

Рускиот министер за надворешни работи изјави дека целите и времето на одмаздата на Русија веќе се утврдени, но нагласи дека Москва нема намера да се откаже од учеството во преговарачкиот процес поврзан со мировниот план.

Лавров, исто така, потврди дека во моментов нема информации за жртви или материјална штета предизвикана од наводниот напад врз резиденцијата на Путин

.Сè уште не е јасно дали Путин бил во резиденцијата во тој момент. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека обвинувањето е лага, додавајќи дека Москва го подготвува теренот за напад врз владини згради во Киев.

Според него, вчерашните успешни преговори со американскиот претседател Доналд Трамп се неуспех за Русите. Тој рече дека очекувал таква реторика од Русите.

„Гледате, тие продолжуваат. Сега, со нивната изјава дека некои од нивните резиденции биле нападнати, тие едноставно го подготвуваат теренот за напади врз главниот град и, евентуално, врз зградите на државните институции“, рече Зеленски.

Тој потсети дека во септември веќе имало напад врз зградата на Советот на министри на Украина. „Затоа, сега сите мора да бидат будни, апсолутно сите“, истакна украинскиот претседател.