Жителите на американскиот град Денвер ќе излезат на гласачките места, при што, освен за избор на градските власти, ќе одлучуваат и за декриминализација на психоактивната супстанца Псилоцибин, која се наоѓа во халуциногените печурки.
Доколку биде усвоена таа одлука, најголемиот град во сојузната држава Колорадо ќе ја продолжи својата либерална политика за дрогите, откако во 2012 година ја легализираше употребата на марихуаната.
Според организаторите на кампањата за легализација на Псилоцибин, целта е луѓето да не завршуваат во затвор поради користење дроги како лек во борбата против депресијата, анксиозноста, посттрауматски стрес и други состојби. Директорот на кампањата Кевин Метјус тврди дека Псилоцибинот му помогнал да се избори со депресијата.
Псилоцибинот е забранет од 1960 година, а одделни експерти предупредија дека може да се користи само под медицински надзор, затоа што може да предизвика параноја и анксиозност. Федералната Влада го класифицираше псилоцибинот како дрога од прв ред, од која нема медицинска корист.
Магичните печурки кои ја содржат оваа супстанца се користеле во верските ритуали на староседелците во Америка поради нивното влијание врз перцепцијата и духовните искуства.
Comments are closed for this post.