„Сестринство на шпиони“ е насловот којшто американската телевизија НБЦ и го даде на американската шпионска агенција ЦИА. Причина за таквото именување е тоа што во моментов сите клучни позиции во главните директорати ги држат жени.
Најновото од именувањето жени на високи позиции во ЦИА е тоа на Синтија „Диди“ Реп, којашто директорката на ЦИА, Џина Хаспел, ја именуваше за заменик-директор за аналитика, што е всушност највисоката аналитичка позицијата во агенцијата. Поставувањето на Реп на тоа место значи дека трите главни оддели во ЦИА, за аналитика, за операции и за наука, сега ги предводат жени.
Хаспел, којашто е прва жена директор на ЦИА, претходно на позицијата заменик-директор за операции ја именуваше Елизабет Кимбер, како прва жена на таа позиција. Со тоа, Кимбер стана одговорна за целокупната шпионска мрежа на ЦИА ширум Светот.
Кимбер и Реп и се придружија на Дони Мајерикс, заменичката-директор за наука и технологија, формирајќи го триото на чело на највисоките извршни позиции во традиционалните центри на моќ на агенцијата.
Ова е првпат во историјата сите три директорати да ги предводат жени, иако околу 50 отсто од вработените во агенцијата се жени, наведува Британи Брамел, директорката на ЦИА за јавни прашања.
Диди Реп внесува широка, длабока експертиза од агенцијата и разузнувачката заедница во својата нова улога на шефица на Директоратот за аналитика. Со својот ангажиран стил на лидерство и репутацијата на објективна личност, Диди ќе успее во водењето на нашиот талентиран аналитички кадар – изјави Брамел.
Реп, која е експерт за Блискиот исток, беше директорка на отсекот за јавни прашања под водство на директорот Дејвид Петреус и заменк0директор под водство на Хаспел. Таа го следеше и составувањето на дневниот брифинг за претседателот додека беше во кабинетот на директорот на Разузнувачката служба на САД (ДНИ).
Нејзините сопруг, татко и мајка исто така работеле за ЦИА, наведува НБЦ.
Хаспел, во првите месеци откако ја презема функцијата директорка на агенцијата во мај 2018 година, ја именуваше и Кортни Симонс Елвуд за генерална советничка во агенцијата, како и Соња Холт за директорка надлежна за разноликост.
Comments are closed for this post.