Кандидатите за претседател на Украина, Володомир Зеленски и Петро Порошнко, на 19 април со почеток од 18 часот по македонско време ќе имаат предизборна дебата на Олимпискиот стадион во Киев, соопшто прес-службата на претседателот Порошенко.

Датумот и часот на дебатата пред гласањео во вториот круг на 21 април беа предмет на шпекулации во текот на минатата недела. Првично Зеленски предложи средба со конкурентот на 19 април во истиот термин, но Централната изборна комисија и националната телевизија објавија дека, според законот, дебатата треба да се одржи во телевизиско студио на 19 април со почеток од 20 часот по украинско време. Потоа Порошенко на Зеленски му предли јавен настап на 14 април на стадионот и на 19 април на телевизија. Меѓутоа, Зеленски го одби предлогот, па Порошенко на 14 април организираше митинг на стадионот.

За присуство на дебатата веќе се делат бесплатни билети, а за 12 часа биле резервирани 12.000. Билетите се резервираат он-лајн и се добиваат по електронска пошта, а едно лице може да добие само два. Два часа пред почетокот на дебатата се предвидува на стадионот да има концерт.

Од штабот на Порошенко ги повикаа приврзаниците да не носат никакви други реквизити освен знамиња на Украина и на ЕУ. Исто така, од таму ветија дека ќе организираат автобуски превоз од сите делови на Украина за оние кои ќе сакаат да присуствуваат на дебатата.

И Зеленски и Порошенко склучија договор за изнајмување на спортскиот комплекс. Сумата ќе биде меѓу 6 и 8 милиони гривни (220-295 илјади долари), а ќе ја платат двајцата кандидати со свои, место со средства од државниот буџет.