За првпат во новата историја, поморски офицер  ќе биде директор на руското воено разузнавање, соопшти ТАСС. Станува збор за вицеадмиралот Игор Костјуков, кој беше назначен за привремен шеф на ГРУ по смртта на Игор Корабов кон крајот на минатиот месец.

Според руската агенција, портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитриј Песков, не можел да ја потврди информацијата, зашто не го видел указот.

Не сум го видел соодветниот указ, затоа и не можам да потврдам, изјави Песков.

Според сознанијата од Википедија, Игор  Костјуков е роден на 21 февруари 1961 година. Прво се стекнал со военопоморско образование, а потоа завршил Воена дипломатска академија, по што служел во ГРУ. Тој е еден од началниците, кој директно учествува во раководењето со воените операции во Сирија. За извршување на своите задачи е добитник на орденот „Херој на Русија“ и на Златна ѕвезда.

Во 2016 година е ставен на американската црна листа на лица, кои дејствуваат на „подривање на демократијата во САД“. Две години подоцна е ставен и на друга црна листа, овојпат за вмешаност во претседателските избори во САД.