Руските граѓани ќе одат во пензија на пет години поголема старост отколку досега, одлучи Рускиот Совет на федерацијата, кој го одобри законот за измени во пензиските параметри.

Со зголемувањето на старосната граница за пензионирање, мажите наместо на 60, ќе одат во пензија кога ќе наполнат 65 години, додека кај жените таа граница се поместува од 55 на 60 години. Првичниот предлог беше возраста за пензионирање на жените да зголеми на 63 години, но претседателот Владимир Путин предложи сепак границата да изнесува 60 години.

Освен овие донесени одредби, во споредба со првичниот предлог, за три години се намалува и стажот што е неопходен за предвремено пензионирање, 42 години наместо 45 за мажите, и 37 наместо 40 години за жените.