Британската премиерка Тереза Меј во статија за „Дејли мејл” пишува дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ ако пратениците не паничат.
„И покрај несогласувањата во Парламентот, убеден сум дека Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ. За време на разговорите со раководството на ЕУ и лидерите на сите земји од ЕУ, сфатив дека сите сакаат да се склучи договор за излез на Велика Британија од ЕУ“, вели Меј.
Таа информира дека се подготвуваат детални планови за да може Парламентот да одигра јасна и сериозна улога во следната фаза од преговорите за идните односи на Велика Британија и ЕУ.
„Убедена сум дека може да се постигне договор. Во вторникот, во Парламентот реков дека пратениците можат да гласаат најдоцна до 12 март за договорот постигнат со ЕУ. Убедена сум дека ќе го одобрат договорот. Но, со оглед на тоа што многу од пратениците се плашат дека останува малку време и нивниот став нема да се слушне, дадов уште две ветувања: ако пратениците го отфрлат договорот постигнат со ЕУ, ќе им биде дадена можност да одобрат или отфрлат излез на Велика Британија од ЕУ на 29 март без никаков договор. Ако Парламентот отфрли излез без договор, тогаш Владата ќе им предложи на пратениците да одобрат привремено одложување на датумот за Брегзит. Ако пратениците во Парламентот се согласат со ваква мерка, Владата ќе се обиде да обезбеди согласност од ЕУ“, пишува Меј.
Таа истакнува дека не сака да го промаши датумот и оти британските политичари се должни да ги насочат сите напори кон постигнување договор за земјата да излезе од ЕУ на 29 март, со цел и бизнисите и граѓаните да се уверат во она што ги чека во иднина.
Comments are closed for this post.