Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе има телевизиско обраќање по повод одбележувањето на годишнината од пандемијата на ковид-19, соопшти Белата куќа.

Во обраќањето Бајден „ќе се осврне врз многуте жртви што ги направи американскиот народ во текот на минатата година и претрпената огромна загуба на семејствата низ целата земја“, изјави секретарката за печатот на Белата куќа Џен Псаки.

На 11 март 2020 година, шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус ја класифицираше епидемијата на коронавирусот како пандемија.

Оваа недела се одбележува една година кога земјата во суштина беше затворена, рече Псаки, додавајќи: Важно е да се напомене, какви чекори се преземени и каков напредок е направен на патот кон заздравување на земјата.