Европскиот производител на авиони „Ербас“ денеска соопшти дека ќе престане да го произведува супер-џамбо авионот А380 откако најголемиот побарувач на тој авион, компанијата „Емирејтс“ го намали бројот на нарачките. На овој начин, производителот се откажува од најголемиот патнички авион на светот и еден од најамбициозните и најтешки потфати во историјата на воздухопловството.

Само десет години откако патничкиот авион со 500 седишта почна да пренесува патници, „Ербас“ објави дека главниот клиент, компанијата „Емирејтс“, ги намалува нарачките за овој авион и поради тоа нема основа за продолжување со производството на А380.

Ваквата одлука би можела да загрози 3.500 работни места и веќе ја чинеше авиокомпанијата загуба од 463 милиони евра во 2018 година, додаваат од „Ербас“.

„Емирејтс“ објави дека ја намалува флотата од 163 на 123 авиони и оти се префрла на помали авиони од типот А330 нео и А350.

Последниот гигантски „ербас“ се планира да се произведе во 2021 година.