Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порачаа дека повоената обнова на Украина ќе биде „мисија на цела генерација“ за која е потребна стратегија како „Маршаловиот план“.
Тие ја бранат таа теза во написот објавен во Франкфуртер алгемајне цајтунг, еден ден пред германско-украинскиот економски форум во Берлин посветен на обновата на Украина. Шолц ќе ја отвори средбата заедно со украинскиот премиер Денис Шмигал.
По разговорите во вторник ќе следи експертска конференција организирана од Европската комисија и од Германија, која во моментов претседава со Г7.
Европа има посебна улога во поддршката на Украина бидејќи е кандидат за членство во ЕУ. Затоа, патот на обновата е и украинскиот пат кон ЕУ.
Украина го брани и меѓународниот поредок заснован на правила, основата на нашиот мирен соживот и напредок на глобално ниво. Значи, кога ја поддржуваме Украина, ја градиме нашата иднина и нашата заедничка Европа – пишуваат Шолц и Фон дер Лајен.
Германска лоби група која ги застапува компаниите со интереси во Источна Европа, исто така, повика на план за закрепнување на Украина по моделот на Маршаловиот план.
Досието од 20 страници, насловено „Да ја обновиме Украина“, кое ги анализира прашањата од индустријата до земјоделството и енергијата, ќе биде претставено денеска на германско-украинскиот форум.
Comments are closed for this post.