Словачка ја одобри употребата на руската вакцина Спутник V против Ковид-19 и со тоа стана втора членка на ЕУ, по Унгарија, што го стори тоа иако Европската агенција за лекови не издаде одобрение за таа вакцина.

Издадено е ограничено одобрение, кое во моментов се однесува само на контингентот од 200.000 дози што Братислава ги увезе уште во март, пренесува Ројтерс.

„Тие 200.000 вакцини ќе се користат, а повеќе само кога ќе пристигне одобрението за ЕМА“, рече министерот за здравство, Владимир Ленгварски.

Владата побара од министерот за здравство вакцината да биде достапна до 7 јуни, пренесува АП.

Тој додаде дека бројот на граѓани кои инсистираат на вакцинација со вакцината Спутник не е занемарлив.

Првиот контингент вакцини Спутник V пристигна во Словачка на 1 март, но нивната употреба досега не е одобрена.

Договорот за набавка на два милиони дози Спутник V, склучен од тогашниот премиер Игор Матовиќ, предизвика политичка криза во март, што доведе до пад на владата.