Од паѓањето на Железната завеса изминаа веќе 30 години. Што се случи со државите од бившиот социјалистички блок? Како таму изгледа демократијата? Според „Зидојче цајтунг“, политичкиот биланс е премногу депресивен.
Нивните блади, речиси без исклучок, поддржуваат шуплива националистичка реторика, во поголем или помал степен се стремат да ја откажат слободата на медиумите, да го поткопаат владеењето на правната држава, да регулираат се во општеството, а откажуваат и да соработуваат со останатите Европејци кога не гледаат можност да прелеат пари од ЕУ во сопствените каси, пишува изданието.
Меѓутоа, во економски поглед бившите држави од Источниот блок просперираат, констатира од своја страна „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Изданието тврди дека ниту еден друг регион во Европа не доживеал подлабоки промени од Источна и Југоисточна Европа и како пример ја наведува Полска, каде од 1990 година наваму приходите по глава на жител се зголемени за пет пати. Во меѓувреме, Словачка, Естонија и Литванија достигнаа 80% од благосостојбата во Европа,а Чешка и Словенија дури 90 проценти.
Единствено заостануваат оние кои подоцна се приклучија кон ЕУ-Бугарија, Романија и Хрватска. Но, дури и тие денес стојат подобро, отколку источноевропските држави, кои не членуваат во Унијата, пишува ФАЦ.
ФАЦ понатаму констатира дека парите, сепак, не се единствениот фактор и посочува дека луѓето имаат и други мерила за благосостојба-образованието, здравството, здравата исхрана, чистата животна средина…
Источноевропските држави постигнаа голем напредок, но по цена на големи жртви од страна на локалното население, посочува ФАЦ. Во тој контекст изданието ги споменува политичката и економската несигурност за време на транзицијата од планска кон пазарна економија, криењето и приватизирањето на државната сопственост, преплавувањето на источноевропските пазари со западна стока, како и појавата на редица економски авантуристи и сомнителни инвеститори.
Затоа коментаторот на „Зидојче цајтунг“ апелира:„Овојпат да не прашуваме што придонесоа источните држави-членки на ЕУ за демократијата во Унијата, туку обратно-што ЕУ им донесе на самите нив“. Слободата на движење е реално голема вредност, но таа му донесе најмногу полза на Западот, а на Истокот повеќе му наштети, забележува авторот. И еве како тој тоа го аргументира:
Илјадници лекари ги напуштија Бугарија и Романија, што помогна да се олесни недостигот од лекари на Запад. Не можеме да ги обвинуваме тие луѓе дека бараат подобар живот за себе и за своите семејства, но сега тие отсуствуваат таму каде што едно време го стекнале своето универзитетско образование. А, нивното отсуство, од друга страна, принудува да мигрираат и други луѓе. Бугарија денес има милион ипол жители помалку, отколку во 1989, а Романија речиси четири милиони помалку. И тоа се се активни, добро образовани луѓе.
Според ФАЦ, друг проблем на луѓето во Источна Европа е „убедувањето на мнозина дека Брисел или општо речено Западот, ниту ги зима за сериозно, ниту ги разбира-на пример во однос на бегалската политика или во нивниот однос кон Русија.
Токму тоа незадоволство до некаде го објаснува и успехот на популистичките и евроскептичните струи во Варшава, Будимпешта и на други места. Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид принудени сме трезвено да забележиме дека економската интеграција не секогаш одеше рака под рака со политичко-идеолошката, пишува во заклучокот ФАЦ.
Comments are closed for this post.