Претставници на 80 земји и на пет организации кои присуствуваа на мировната конференција за Украина во Швајцарија денеска потпишаа декларација во која се наведува дека „територијалниот интегритет“ на Украина е основа за секој мировен договор што ќе стави крај на војната.
Во заедничката изјава се потенцира дека мирот може да биде постигнат само со учество на сите страни.
– Актуелната војна на Руската Федерација против Украина продолжува да предизвикува големи човечки страдања и уништувања, создавајќи ризици и кризи со глобални последици, се наведува во завршната декларација од дводневната мировна конференција во Швајцарија.
Во документот се предупредува дека секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни инсталации мора да бидат безбедни, соодветно обезбедени, заштитени и еколошки прифатливи.
– Украинските нуклеарни централи и постројки, вклучително и нуклеарната централа во Запорожје, мора безбедно да работат и под целосна суверена контрола на Украина, во согласност со принципите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и под нејзин надзор, се наведува во заедничката изјава и се потенцира дека секаква закана или употреба на нуклеарно оружје е неприфатлива.
На конференцијата во Швајцарија учествуваа претставници на 92 држави и на осум организации, меѓу кои на Европска Унија, на Советот на Европа и на Обединети нации.
Завршната декларација не ја потпишаа земјите-членки на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), како и Ерменија, Бахреин, Ватикан, Индонезија, Либија, Мексико, Саудиска Арабија, Словачка, Швајцарија, Тајланд и Обединети Арапски Емирати.
Потписниците на декларацијата, меѓу кои и Украина, оценија дека за постигнување на мир потребно е учество и „дијалог со сите страни“.
На мировната конференција не присуствуваа претседателите на САД, на Кина и на Бразил, Џо Бајден, Си Џинпинг и Луиз Инасио Лула да Силва. Додека потпретседателката на САД, Камала Харис и германскиот канцелар Олаф Шолц си заминале порано.
Русија не беше поканета на мировната конференција, а Кремљ соопшти дека барањето начин за решавање на украинскиот конфликт без учество на Москва е нелогично и залудно.
Според аналитичарите дводневната конференција најверојатно ќе има многу мало конкретно влијание врз завршувањето на војната.
Претходно, премиерот на Канада, Џастин Трудо најави дека наскоро ќе организира меѓународен собир на министрите за надворешни работи посветен на жртвите од војната во Украина.
Comments are closed for this post.