Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска изјави дека е целосно посветен пред крајот на зимата да се почне со ублажување на строгите антиковид мерки.
Не можеме цела зима да останеме во толку строго заклучување, нашето општество тоа нема добро да го прифати – рече Шпан за регионалната медиумска групација „Функе“, во време кога јавноста се повеќе покажува нетрпеливост заради ограничувањата.
Министерот додаде дека бројките се охрабрувачки и дека е забележан значителен пад кај новозаболените лица.
Стапката на инфекција, односно просечниот број на новоинфицирани на 100.000 жители, опадна под 100, и денеска изнесуваше 87, приближувајќи се до 50, бројката под која е можно да се планираат ублажувања на мерките за заклучување во Германија.
Министерот, меѓутоа, не сакаше да каже дали мерките ќе почнат да се олеснуваат уште од 14 февруари, кога завршуваат сегашните мерки.
Не е можно со сигурност да се каже во каква ситуација ќе се најдеме на 14 февруари – рече Шпан.
Од Германците е побарано да ги избегнуваат контактите што е можно повеќе, да продолжат да работат од дома, училиштата, детските игралишта, продавниците што не продаваат храна, рестораните, баровите, културните и спортски објекти се затворени, а состаноците се строго ограничени.
Повеќемина експерти предупредија дека се против предвременото излегување од локдаунот, пред се, поради ризикот од новите видови на вирус што се предизвикани од kовид-19.
Comments are closed for this post.