Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, денеска остана блокиран во Мали, поради дефект на службениот авион, во најновиот инцидент на флотата на авиони на германската влада.
Мас требаше вчера да се врати од неколкудневната посета на Западна Африка, во чии рамки ги посети Сиера Леоне, Буркина Фасо и Мали, но поради дефектот на леталото со коешто патувал, морал да остане во главниот град на Мали, Бамако, соопшти портпаролот на министерот.
Според очекувањата, тој треба вечерва, сепак, да се врати во Берлин.
Овој дефект, е последен во серијата технички проблеми што во последниве месеци ги пореметуваат патувањата на германските официјални лица.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, кон крајот на ноември, задоцни на самитот на Г20 во Аргентина, поради технички проблем на владиниот „Ербас A340-300“, кој мораше принудно да слета во Келн. Тогаш, дефектот беше предизвикан од прекин на неколку електрични системи на авионот.
Кон крајот на јануари, претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, остана блокиран во Етиопија поради дефект на другиот владин авион „Ербас“.
Проблеми имаше и министерот за развој, Герд Милер, кој беше принуден да ја откаже планираната посета на Намибија на почетокот на годинава, исто така поради дефект на авионот.
Comments are closed for this post.