Шефот на белгиското воено контраразузнавање Клемент ван ден Бур е привремено отстранет од должноста и осомничен е за нарушување на безбедноста во полза на Русија, пишува весникот  „De Morgen“, повикувајќи се на неколку извори од службите. Софиски „Сега“ пренесува дека канцеларијата на Бур е запечатена, а тој се наоѓа во домашен притвор.

Белгискиот генерал е осомничен за уништување на доверливи документи на нерегуларен начин, но детали за неговата врска со Русија во оваа етапа од истрагата не се соопштуваат. Белгискиот медиум соопштува дека апсењето на шефот на военото контраразузнавање може да е резултат на борбата за власт внатре во службата во која се зголемува незадоволството од повозрасните шефови, кои го спречуваат развојот на помладите службеници. Самиот Бур има 40 години стаж во контраразузнавањето. Постои и конфликт и меѓу униформираните лица и цивилните во одделот, кои се побројни.