Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, оцени дека минатата година очигледно е изгубена година во однос на ангажманот на ЕУ во регионот на Југоисточна Европа.

– Се уште не победивме на Западен Балкан. ЕУ е во геополитичка конкуренција со други држави во регионот, како што се Русија, Кина или Саудиска Арабија, нагласи Шаленберг обраќајќи се пред Комитетот за надворешна политика на австрискиот Парламент.

Според него, Европа мора уште еднаш да посвети повеќе енергија и внимание на земјите од Западен Балкан.

– Не смее да се повтори 2020 година, додаде Шаленберг, изразувајќи разочарување од неуспехот да се постигне договор за почнување пристапни преговори со Скопје и Тирана.

Според него, Австрија ќе се залага за понатамошни европски перспективи на тие земји.