Во силниот земјотрес и цунамито што во петокот го погодија индонезискиот остров Сулавеси, според последните податоци, загинати се најмалку 1.407 лица, соопшти портпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи на Индонезија, Сутопо Пурво Нугрохо.
Најголемиот број од жртвите се од градот Палу и од соседното место Донгала.
Според Нугрохо, досега се погребани само 519 од загинатите лица.
Во земјотресот беа уништени повеќе од 65.000 објекти, а раселени се повеќе од 60.000 луѓе на кои им е неопходна помош.
Во меѓу време, индонезиските власти распоредија дополнителни припадници на безбедносните сили во Палу, со цел да ги штитат клучните инфраструктурни објекти, како аеродормот, и да спречат кражби.
Палу денеска го посети и индонезискиот претседател Џоко Видодо, кој нагласи дека во погодените подрачја пристигнуваа помош од странство. Најмалку седум карго авиони утрово слетаа на аеродромот во Палу носејќи повеќе тони хуманитарна помош.
Пет дена по катастрофалниот земјотрес и цунамито, денеска еруптираше и вулканот Сопутан, кој се наоѓа во северниот дел на островот, на околу 600 километри североисточно од Палу. Досега нема извештаи за евентаулни жртви или причинета штета при ерупцијата.
Comments are closed for this post.