Мајкл Коен, долгогодишен личен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, е осуден на 36 месеци затвор во Њујорк за криминални дела, вклучувајќи и лажно сведочење во Конгресот и овозможување на нелегалните плаќања за две жени, со цел да бидат замолчени за наводна врска со Трамп.
Опишувајќи ја својата разочараност од Трамп, Коен изјави дека ги извршил криминалните дела поради „слепа лојалност“ кон претседателот.
Живеам во личен и ментален затвор уште од денот кога ја прифатив понудата за работа за могулот за недвижности, на чии бизнис способности длабоко се восхитував. Сега знам, има малку нешта кај него за восхитување. Ја преземам целосната одговорност за секој чин за кој признав вина. За моите лични дела и за оние во кои бев вклучен поради претседателот на САД. Беше моја должност да ги прикријам неговите валкани дела – изјави Коен пред судијата.
Коен (52) во август призна дека во пресрет на претседателските избори во 2016 година платил 130.000 долари на порно ѕвездата, Сторми Даниелс и организирал исплата од 150.000 долари за поранешниот модел на Плејбој, Карен Мекдугал. Жените, кои тврдеа дека имале сексуална врска со Трамп ги добиле парите, а во замена требале да молчат за тој однос.
Адвокатите на Коен се согласија со обвинителите дека со овие плаќања тој ги прекршил законите за финансирање на кампањи.
Трамп негираше врски со Даниелс и Мекдугал и ги отфрли наведените исплати за да „купи“ молчење, опишувајќи ги како „едноставна приватна трансакција“.
Comments are closed for this post.