По парламентарните избори наскоро ќе дојде време за изборите за пратеници во Парламентот на ЕУ. Европратениците имаат плата од околу 10.000 евра месечна бруто-плата, односно добиваат околу 7.850 евра нето, пишува „mirovina.hr“.
Дополнително, европратениците добиваат надоместок за општи трошоци во износ од 4.950 евра, што всушност е паушал кој им овозможува да ги покријат трошоците како што се киријата за канцеларија во земјата-членка во која се избрани или трошоци за ИТ хардвер и софтвер, канцелариски материјал, мобилни телефони на пост-пејд тарифа и Интернет-претплата.
Секојдневно имаат и дневница од 350 евра за сместување, храна и поврзани трошоци, а добиваат и службено возило. Покриени им се и трошоците за патување до работа. Членовите на ЕП имаат право на поврат на две третини од трошоците за лекување. Сите овие трошоци се плаќаат со парите на даночните обврзници, како што објаснил Иван Матиќ од Здружението „Бонсаи“, кој 11 години работи во Европскиот парламент.
Дополнителна пензија
Европратениците не треба да се грижат ниту за пензијата, бидејќи имаат право на дополнителна пензија, покрај стандардната од државата од која доаѓаат. Станува збор за пензија од 3,5 отсто од платата за секоја година стаж и една дванаесетина за секој нареден цел месец, но не повеќе од 70 отсто вкупно.
Пратениците имаат право на пензија кога ќе наполнат 63 години. Според сегашните плати, тоа изнесува околу 1.760 евра дополнителна пензија.
Исто така, треба да се спомене дека европратениците на крајот на мандатот имаат право на преоден додаток во висина од една месечна плата за секоја година во која ја извршувале функцијата, но најмногу до две години.
Сепак, треба да се знае дека кога поранешниот европратеник ќе преземе функција на друго место, висината на преодниот додаток се намалува во зависност од висината на новата плата. Ако поранешниот член на ЕП истовремено има право на старосна или инвалидска пензија, тој не може да прима и пензија и надоместок, туку мора да избере само едното или другото.
Comments are closed for this post.