Молдавците зборуваат на романски јазик, призна новата претседателка на државата, Маја Санду, која вчера стапи на должност.
Само неколку часа пред церемонијата на официјалниот сајт на претседателската администрација беа направени промени. Називот на основниот јазик на сајтот беше променет од „молдавски“ во „романски“, откако кратенката „мд“ беше променета во „ро“.
Пред четири години, веднаш по стапувањето на должноста, доскорешниот претседател Игор Додон го промени називот на јазикот во „молдавски“, а покрај тоа го тргна и европското знаме од влезот во претседателската палата. Тоа се вееше, зашто Молдавија членува во Советот на Европа.
Според Уставот на Молдавија од 1994 година, за државен јазик се смета „молдавскиот врз основа на латинската азбука“. До распадот на некогашниот СССР, јазикот на бившата советска република Молдавија беше „молдавски“, но на кирилица. Во 2013 година Уставниот суд утврди дека јазикот е „романски“, како што пишува во Декларацијата за независност од 27 август 1991 година. Уставниот суд дојде до заклучок дека Декларацијата била прифатена пред донесувањето на Уставот, па затоа таа има и предност.
Политичарите и досега спореа како да го наречат својот јазик-молдавски или романски-но и едните и другите се согласни дека и двата се апсолутно идентични. Од почетокот на 90-тите години, во училиштата се предава на романски. Во Молдавија на широкот се употребува и рускиот јазик.
Comments are closed for this post.