Девет луѓе се убиени во пукањето во градот Дејтон, во американската сојузна држава Охајо, соопшти локалната полиција.

Во нападот ранети се уште 16 луѓе. Напаѓачот, исто така, е меѓу смртно настраданите. Пукањето се случило на подрачјето на „East 5th Street“ во округот Орегон во Дејтон.

На прес-конференцијата на локалните власти беше истакнато дека напаѓачот бил застрелан од припадници на безбедносните сили, а неговиот идентитет сѐ уште не е утврден. Сите повредени се пренесени во околните болници, но нивната состојба не ја прецизираат властите на Дејтон.

На местото на настанот и натаму работат припадниците на локалната полиција на кои им се придружиле агенти на Федералното биро за истраги (FBI). Локалното население е предупредено дека треба и натаму да биде претпазливо.

Инцидентот се случи само неколку часа откако во Ел Пасо 21-годишно момче уби 20 и повреди 26 луѓе откако отвори оган во продавница на „Волмарт“.