Најмалку пет лица се повредени од кои две се прободени од бикови за време на првата трка на фестивалот Сан Фермин во шпанскиот град Памплона, јавува АП.

Според традицијата, животните биле пуштени во осум часот по локално време.

Портпаролот на Црвениот крст, Хозе Алдаба, соопшти дека настраданите добиле лекарска помош во регионалната болница.

На фестивалот, првата трка со биковите траела 2,41 минути. Шестте животни биле пуштени одеднаш по 850 метри долгата улица, но пред крајот едно од нив се спрепнало и паднало, предизвикувајќи паника и ранувајќи учесници во трката.

Фестивалот во Памплона трае девет дена и привлекува околу еден милион посетители.