Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, не добила лична покана за конференцијата во Берлин, каде што фокусот на разговорите ќе биде процесот во којшто таа е посредник, односно дијалогот меѓу Србија и Косово, објавува Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на доверливи извори од Брисел и Берлин.
Како што објаснува радиото, Могерини, сепак, ќе биде присутна на состанокот што ќе се одржи во германскиот главен град, но само како замена за претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
РСЕ наведува дека изворите им потврдиле дека Јункер бил единствениот челник од Брисел што добил покана од организаторите на состанокот што ќе се одржи во понеделник.
Претседателот Јункер не е во можност да присуствува на состанокот и тоа е причината зошто Могерини доаѓа наместо него – изјавил за РСЕ извор од организацијата на конференцијата, кој порачал дека треба да се попбара објаснување од ЕУ, зошто Могерини доаѓа наместо Јункер.
Конференцијата во Берлин е во организација на германската канцеларка, Ангела Меркел, заедно со францускиот претседател, Емануел Макрон, а, како што наведува РСЕ, главна, ако не и единствена тема на собирот ќе бидат односите меѓу Србија и Косово.
РСЕ наведува дека на собирот не е поканет ниту комесарот за проширување, Јоханес Хан, кој во бриселските институции, исто така, се бави со регионот, а причина за тоа што Хан не е поканет, е тоа што на конференцијата нема да се зборува за проширувањето на ЕУ.
Comments are closed for this post.