Британскиот министер за Брегзит, Доминик Рааб, поднесе оставка, истакнувајќи дека „не може со чиста совест да го поддржи“ нацрт-договорот за Брегзит со ЕУ.

Ваквата одлука на Раб доаѓа откако синоќа Тереза Меј, по петчасовен состанок, соопшти дека обезбедила поддршка од нејзиниот кабинет за договорот. Сепак, британските медиуми јавија дека неколку министри биле против документот.

Исто така се појавија и шпекулции дека меѓу конзервативците се зборува за покренување гласање за недоверба на Меј.

Рааб, кој е поддржувач на Брегзит, во Кабинетот го замени Дејвид Дејвис кога тој се повлече во знак на протест против плановите на Меј за Брегзит и сега е во групата високи министри за кои се смета дека не се задоволни од договорот.

Тој беше тесно вклучен во изготвувањето на договорот, кој ги поставува условите за излезот на Британија од ЕУ.

Во писмото со оставката, Рааб истакнува дека не може да го поддржи договорот бидејќи регулаторниот режим предложен за Северна Ирска „претставува многу реална закана за интегритетот на Обединетото Кралство“.

Пред сè, не можам да ги споредам условите во предложениот договор со ветувањата што ги дадовме на земјата во нашиот проглас на последните избори, подвлече Рааб.

Политичките аналитичари на Би-Би-Си коментираат дека заминувањето на Рааб врши притисок врз другите членови на Кабинетот да се повлечат, со што се зголемува можноста за „домино ефект“ кој би можел да заврши и со рапаѓање на Владата.