Мексико денеска ја престигна Индија по бројот на смртни случаи од коронавирус, со што оваа латиноамериканска земја се рангира на третото место на светската црна листа.
Мексиканското Министерство за здравство соопшти за 18.670 нови случаи на инфекција со коронавирус и уште 1.506 смртни случаи, со што бројот на заболени од почетокот на пандемијата се зголеми на 1.825.519, а на смртните случаи на 155.145.
Вкупниот број починати во Индија, земја со десет пати поголема популација од Мексико, изнесува 154.847 лица. Според бројот на жители во Мексико – 126 милиони, стапката на смртност во земјата е помала отколку во други држави, како Велика Британија, Чешка, Италија, САД, Перу и Шпанија, покажуваат податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“.
Во Мексико Сити болниците се речиси полни, а недостигот на резервоари со кислород го отежнува лекувањето на пациентите.
Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор исто така беше заразен. Заменик министерот за здравство Хуго Лопез-Гател вчера објави дека „претседателот е подобар, речиси без симптоми и екстремно активен“.
Comments are closed for this post.