Британската премиерка Тереза Меј изјави дека сега постои јасен избор меѓу излез на Британија од Европската унија со договор и опција во која воопшто нема да дојде до Брегзит, јави весникот „Обзервер“.

-Со оглед на тоа што Парламентот покажа дека ќе запре излез на Британија без договор, сега имаме јасен избор: да ја напуштиме Европската унија со договор или воопшто да не излеземе, рекла Меј.

-Колку подолго се развлекува сето ова, поголем е ризикот Обединетото Кралство воопшто да не излезе од ЕУ, изјавила таа.

Британската премиерка Тереза Меј во петокот му испрати писмо на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во кое побара одложување на Брегзит до 30 јуни со цел да им се овозможи на пратениците да го усвојат договорот за излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

„Велика Британија предлага тој период да заврши на 30 јуни 2019 година“, напиша Меј.

„Владата сака да договори распоред за ратификација кој ќе овозможи излегување на Велика Британија од ЕУ пред 23 мај 2019 и откажување на изборите за Европскиот парламент, но ќе продолжи да работи на одговорни подготовки за одржување на изборите доколку тоа се покаже невозможно“, наведе Меј.

Претходно, висок неименуван функционер од ЕУ изјави дека претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предлага да и се дозволи на Велика Британија „флексибилно продолжување“ од 12 месеци за напуштање на ЕУ.

Таквиот предлог би и овозможил на Велика Британија во рок од 12 месеци, но и порано да ја напушти ЕУ доколку Парламентот на таа земја го ратификува договорот. Сепак, со тој предлог би требало да се согласат и останатите членки на средбата што ќе се одржи в среда, јави Би-Би-Си. Туск ќе ги убедува европските лидери дека на тој начин не би морале да се состануваат на неколку недели само за да го пролонгираат Брегзит.

Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас потоа изјави дека одговор на новото барање на Меј за одлагање на Брегзит до 30 јуни може да дадат само шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ, кои ќе се сретнат в среда на 10 април во Брисел.