Повеќе луѓе, меѓу кои и деца, се убиени или ранети во пукање во трговски центар на Волмарт во Ел Пасо во Тексас, а едно лице е уапсено, соопштија локалните власти.

Како што пренесуваат американските медиуми, полицијата привела едно лице осомничено за нападот. Според „СиЕнЕн“, станува збор за 21-годишниот Патрик Крусиус. Напаѓачот со калашников пукал по купувачите и вработените во трговскиот центар во градот во непосредна близина на границата со Мексико.

Засега не е точно познато дали станува збор само за Крусиус, или пак во нападот учествувале повеќе лица, затоа што неколку американски медиуми пренесоа дека покрај пукотниците во трговскиот центар „Сиело Виста“, наводно биле слушнати пукотници и во соседниот супермаркет „Волмарт“.

Гувернерот на Тексас Грег Абот го нарече пукањето „одвратен и бесмислен чин на насилство“ и порача дека е издадена наредба низ градот да се распоредат поголем број полициски сили и припадници на војската.

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на Твитер и порача дека масовното убиство во Ел Пасо е „многу лошо и има многу убиени“.