Неколку илјади агресивни мајмуни ги принудија жителите на еден тајландски град да ги затворат своите продавници, а туристите и купувачите да избегаат.

Градот Лопбури, кој се наоѓа на околу стотина километри северно од главниот град Бангкок, е познат по населението макаки, ​​кое привлекува туристи од целиот свет. Сепак, градот кој некогаш имал силна локална економија сега е во опасност да стане град на духови бидејќи околу 3.500 мајмуни буквално го презеле.

Градските мајмуни се многу сакани, мештаните дури одржуваат годишен фестивал во нивна чест, но сега компаниите и малите бизниси ги затворија своите продавници, а туристите се држат настрана. Продавачите од трговскиот центар велат дека мајмуните често упаѓале во продавници и ги вознемирувале мештаните и туристите кои доаѓале да пазарат. Тие ги оштетија и тезгите, принудувајќи ги сопствениците да платат за поправки.

Палавите мајмуни станаа толкав проблем што локалниот трговски центар беше ставен на продажба пред две години, но сепак нема купувачи иако продажната цена во меѓувреме е намалена. Трговскиот центар првично се продаваше за околу 2 милиони евра, но цената сега е намалена за речиси 500.000. Трговскиот центар, исто така, ги намали кириите за да им помогне на сопствениците на продавниците да се справат со ударот на нивниот профит, но градот сè уште се бори да закрепне.

– Претходно, кинески инвеститор ја посети областа за да ја провери изводливоста на инвестицијата. Меѓутоа, кога инвеститорот сфатил дека проблемот со популацијата на мајмуните, кој го загрозува срцето на градот, не е решен, ја одложил инвестицијата на неодредено време – според локалните власти.

Мајмуните, кои имаат целосен недостаток на страв од луѓето, покажуваат исклучително храбро однесување, се качуваат преку шофершајбните на возилата во движење и скокаат на сите минувачи на улица. Локалните жители велат дека има дури и ривалски банди кои ја обележуваат нивната територија – што доведува до конфликт кога животните ќе се сретнат.

Владините претставници се обидоа да ја контролираат популацијата на дивите мајмуни во последниве години, но не успеаја да ја ограничат бројката бидејќи животните продолжуваат да се размножуваат.

Голем број мајмуни беа стерилизирани во 2020 година како дел од владината програма, откако нивниот број излезе од контрола за време на пандемијата. Службениците на одделот за диви животни ги намамиле животните во кафези со овошје и ги однеле во клиника каде што биле анестезирани и стерилизирани и оставени со тетоважа за да ја одбележат нивната стерилизација, но властите едноставно не можат да го следат тоа.