Седум земји од јужна Европа на самитот во Малта повторно ја предупредија Турција да прекине со „незаконски активности“ алудирајќи на намерата на Анкара за експлоатација на гас во водите на таканаречената Кипарска економска ексклузивна зона.

„Длабоко жалиме што Турција не одговори на повторните повици од ЕУ, која ги осудува незаконските активности на Турција во таа зона“, се наведува во заедничката декларација на крајот на самитот одржан синоќа во Валети.

Лидерите додаваат дека доколку Турција не престане со активностите, ќе побараат од Брисел да преземе мерки во знак на солидарност со Кипар.

„ЕУ нема да покаже никаква слабост по тоа прашање“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на крајот од самитот.

ЕУ на почетокот на мај испати предупредување до Турција по најавата на земјата дека планира да започне со бушење во потрага по гас до септември во секторот на Кипарската економска ексклузивна зона.

„Турција ги крши меѓународните закони, влегувајќи во оваа зоната“. Задоволен сум со пораката и солидарноста на нашите партнери испратени кон Турција“ изјави кипарскиот претседател Никос Анастасијадес.

Кипарските резерви на гас е едно од спорните прашања во преговорите за повторно обединување на островот. Турција која од 1974 година ја држи под воена окупација северната третина од Кипар се противи Република Кипар со која управуваат Грци да истражува и експлатира гас.

Самитот „Мед7“ ги собра синоќа во Валета, лидерите на Малта, Италија, Франција, Кипар, Грција, Шпанија и Португалија.