Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој денеска престојува во работна партиска посета на Берлин, кај сестринската ЦДУ, го критикуваше нетранспарентниот договор на големите членки од ЕУ за именувањето на новите функционери на институциите на Унијата.

Лидерот на народната партија на Австрија (ОВП), кој во Берлин се состанува со канцеларката Ангела Меркел, со шефот на ЦДУ, Ангрет Крамп-Каренабуер, но и со министерката за одбрана, Урсула фон дер Лајен, која веќе е именувана за нова претседателка на Европската комисија,  рече дека „изминатите денови имаше  недостоен призор, што и наштети на ЕУ“.

Како што пренесуваат австриските медиуми, Курц порача дека процесите на одлучување мора да бидат транспарентни и дека мора да биде испочитувана волјата на избирачите.

Јас сум против таквите договори зад кулисите, рече Курц.

Тој, воедно, изрази задоволство што социјалдемократот Франс Тимерманс, не се наметна како претседател на ЕК, истакнувајќи дека тоа за оваа институција ќе значеше свртување во лево.

Кај политиката на конкурентност и миграција Тимерманс застапува позиции што не се мои, нагласи Курц.