Две недели пред изборите на Европскиот Парламент,  МИА се осврнува на клучните реформи што Европската унија ги усвои меѓу стотината законски акти, во последните пет години, од кои седум се издвојуваат како клучни. Станува збор за реформите: Повик против пластични производи; Иста работа, иста плата; Авторски права; Лични податоци; Крај на роамингот; Крајбрежна стража и Борба против тероризмот.

Повик против пластични производи

На крајот на март беше усвоена забрана за еднократна употреба на пластични производи, во постапка пократка од една година, што е знак за широк консензус во тој поглед. Сламки, стапчиња за мешање кафе и стапчиња за чистење уши, држачи за балони, но и амбалажа за храна од стиропор ќе бидат забранети во ЕУ од 2021 година.

Кога станува збор за пластични шишиња, тие ќе треба подобро да се рециклираат, додека тутунската индустрија ќе мора да придонесе за подмирување на трошоците за собирање и  рециклирање отпушоци.

Иста работа, иста плата

Во 2018 година усвоена е реформа за работа надвор од земјата, со цел да се спречат злоупотребите за работниците. Станува збор за шема која му овозможува на европскиот работник привремено да работи во некоја друга земја – членка на ЕУ  и во исто време да биде поврзан со општествениот систем на својата земја.

Со реформата, која беше проследена со недоразбирање меѓу земјите од Западна и Источна Европа, сака да се гарантира „еднаква плата за еднаква работа”. Максимално дозволениот период на делегирана работа е пропишан за 12 месеци и може да се продолжи за шест месеци. Се уште се преговара за посебни одредби за патнички превозници.

Авторски права

Реформата на авторските права беше усвоена во 2019 година по битката меѓу медиумите и уметниците од една страна и интернет гигантите и борците за слобода на интернетот од друга страна.

Една од клучните одредби на Интернет платформата е законски да се одговора за содржината што е објавена на нив, па затоа мора да се погрижат да ги почитуваат авторските права. Втората ги воведува авторските или сродни права или т.н. „данок на линкови” според кој весниците, списанијата и новинските агенции мора да добијат надомест за авторски права кога Гугл Њус (Google News) или други веб-страници споделуваат линкови до нивните статии, вклучувајќи кратки фрагменти од статиите.

Лични податоци

ЕУ направи голем чекор усвојувајќи голем број правила за заштита на личните податоци на Европјаните во дигиталната ера. Станува збор за општа уредба за заштита на личните податоци (ГДРП) која се применува од крајот на мај 2018 година.

Со неа се зајакнати некои права, како што се правата на интернет-корисниците да знаат кој ги обработува нивните податоци и за каква цел и да бидат информирани за која било кражба на податоци. Компаниите кои не го почитуваат тоа многу ризикуваат – санкциите можат да достигнат четири проценти од нивниот глобален промет.

Крај на роамингот

Крајот на трошоците за роаминг е една од најконтроверзните реформи во последниве години за европските потрошувачи. Од јуни 2017 година, тие можат да користат национални мобилни тарифи низ целата Унија без дополнителни трошоци.

Употребата на податочниот сообраќај се зголеми за 12 пати, а бројот на повиците на патниците двојно се зголеми во однос на навиките на потрошувачите пред да стапи на сила реформата.

Крајбрежна стража

Охрабрени од хаосот поради масовниот прилив на мигранти на грчкото крајбрежје во 2015 година, ЕУ значително ги зголеми овластувањата и ресурсите на Фронтекс, агенции одговорни за координација на заштитата на надворешните граници.

Со цел да помогне на која било земја-членка која се соочува со ненадеен миграциски бран, Фронтекс до 2027 година ќе има на располагање постојан контингент од 10.000 гранични чувари, кои во повеќето случаи ќе бидат испратени од страна на земјите-членки во мисија и ќе можат да поседуваат сопствени бродови или авиони.

Комисијата сака што повеќе и што побрзо, но дојде до резервираност од земјите-членки во врска со  финансиските прашања, а се загрижени и за нивниот суверенитет.

Борба против тероризмот

Европскиот регистар на патници во авионскиот сообраќај (ПНР) е нова алатка во борбата против тероризмот, усвоена во 2016 година. Од авиопревозниците се бара систематски да пренесуваат информации за своите патници на летовите во трети земји или од нив до надлежните органи на земјите-членки.

Целта е да се овозможи откривање лица кои никогаш не биле осомничени за тероризам, но за кои анализата на нивните податоци укажува дека тие можат да бидат вклучени во такви дела. Европските земји треба да ги разменат резултатите од евентуалните истраги иницирани по таа основа.