Ова е невиден шок за германската економија: штетата од пандемијата досега изнесува 250 милијарди евра, повеќе од 16.000 компании банкротираа, а најмалку 5.000 други се на вештачко дишење, наведува Дојче веле.
Според Институтот за германска економија, доаѓа до влошување на штетите од пандемијата. Само во текот на оваа година многу продавници во земјата се затворени на подолго време, рестораните и хотелите исто така, додека откажани се многу културни настани и саеми, луѓето речиси престанаа да патуваат, а милиони се принудени да работат со скратено работно време.
Пред точно една година стапи во сила првата блокада во Германија. И таа не беше последна. Оваа привремена парализа со секое затворање чини многу пари за трговијата, индустријата и услугите, покажаа најновите пресметки на Институтот за германска економија.
Само во првиот квартал од 2021 година загубите се проценуваат на 50 милијарди евра.
Многу компании не ја преживеаја кризата и покрај дарежливата државна помош и одложувањата на постапките за стечај. Според Институтот за германска економија, минатата година банкротирале 16.300 компании. На оваа бројка мора да се додадат и оние околу 5.000 компании што едвај егзистираат, бидејќи државната финансиска помош во моментов ги одржува „на вештачко дишење“, но нивните деловни изгледи се безнадежни.
-Кризата предизвикана од коронавирусот е невиден шок за германската економија, изјави Михаел Хатер, директор на Институтот за германска економија.
Тој признава дека владината финансиска помош и парична поддршка за луѓето кои се префрлиле на скратено работно време спречиле уште пострашни последици.
„Но, исплатата на помошта траеше премногу време и многу компании никогаш не успеаја да ја дочекаат. Останавме со надеж дека темпото на вакцинирање ќе се забрза за компаниите конечно да ја планираат својата иднина со сигурност“, додаде Хатер
Comments are closed for this post.