Јапонија се повлекува од Меѓународната комисија за лов на китови. Прв пат по триесет години забрана за лов на овие големи морски цицачи, Јапонците во јули следната година ќе започнат со комерцијален лов.

Шефот на кабинетот на јапонскта влада Јошихиде Суга изјави дека ловот ќе биде ограничен на јапонските територијални води и ексклузивните економски зони.

Нема да ловиме во антарктичките води или на јужната хемисфера, рече Суга.

Комерцијалниот лов на китови на меѓународно ниво е забранет со мораториум уште во 1986 година. Меѓутоа, низ годините Јапонија користеше дупка во договорот кој овозможува лов на китови за „научни цели“. На овој начин земјата константно го користеше ваквиот изговор и месото на убиените китови завршуваше на трпеза.

За последната одлука, Јапонија се брани дека популацијата на китовите доволно се обновила и дека комерцијалниот лов треба да биде дозволен. Други две нации кои најмногу ловат китови се Исланд и Норвешка, кои отворено се спротиставуваат на забраната на ваков тип на лов.

Еколошката организација Гринпис ја осуди одлуката на Јапонија. Како што истакнуваат од организацијата, ловот во јапонските води и на отворено море доведува до загуба на многу врсти на китови. Поголемиот дел од нив, како што нагласуваат, се уште не закрепнала, вклучувајќи ги поголемите морки цицачи како синиот кит, големите северни китови и безабите китови.