Дали се уште можеме да се потсмеваме со Доналд Трамп? Со оваа реченица почнува написот во „Ле Монд“ во кој се објавува сторија за познатиот канадски карикатурист Мишел де Адер кој доби отказ од весникот каде работел. Причина? Премногу критичен кон американскиот претседател. Поточно две карикатури со неговиот лик станале вирални на социјалните мрежи, а третата политичка карикатура ја поминала редакциската црвена линија – во рок од 24 часа Де Адер добил отказ.

Станува збор за карикатура на која Трамп со возило е на голф терен. Голфот е негов омилен спорт. Тој се наоѓа на местото каде таткото и неговата двегодишна ќерка од Салвадор, неодамна, обидувајќи се да ја преминат реката Рио Гранде, се удавиле. Биле на пат за Америка.

На карикатурата Трамп прашува:Ќе ви пречи ли ако од овде одиграм еден потег? Доволно за отказ и доволно за отворање дебата – слобода на мислење или политичките карикатуристи-коментатори ја претерале?

„Во последните две недели нацртав три карикатури со Трамп. Две станаа вирални, а третата уште повеќе, а ден подоцна јас бев ослободен од должности (…). Преку ноќ, стана како никогаш да не сум работел за весникот. Самите заклучете“, напиша Де Адер на Твитер.


Меѓутоа, Брансвик њуз соопшти дека одлуката, за која карикатуристот нема право нa жалба, не е поврзана со неговите карикатури, туку таа е донесена порано и него ќе го замени друг карикатурист, Грег Пери.

Меѓутоа случувањата со политичките карикатуристи стануваат многу интересни, особено по случајот со париски „Шарли Ебдо“. Така, неодамна весникот „Њујорк тајмс“ донел одлука да објавува политички карикатури во своето меѓународно издание. Одлуката била донесена по објавената карикатура на која израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху е прикажан како куче-водич со синџирче на кое е Давидовата ѕвезда, со каиш кој го држи слепиот Трамп со мицва на главата.

Карикатурата предизвика бран негодување глобално.